Дизајнерката Теодора Митровска на 10. Моден викенд во Скопје ја однесе публиката на модно патување низ минатото. Креациите инспирирани од времето на некогашната СФРЈ, но со нови текстилни техники и неконвенционални материјали, носталгично оживеаја низ сценско шоу на старата скопска железничка станица, во вагон на синиот воз на Јосип Броз Тито. Колекцијата е машка, со тенденција, како што вели таа, да ги урне родовите бариери.
Програмата во Музејот на Град Скопје продолжи со ревијата на бугарскиот современ, алтернативен бренд „Jar&Jam“ и младата дизајнерка Зана Алиу. Се претстави и Мила Спасовска под етикетата Јамуна, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, па следеше и заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“, кои научија различни техники на плетење и истите ги преведоа на модерен начин во нивните дизајни.
Модниот викенд завршува вечерва.
Фото: Ѓ. Личовски