Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложбата „50 години творештво“ на ликовниот уметник Војко Јаневски и беше промовирана монографија за неговата работа. Тој се претставува со 50-ина дела од неговиот богат опус, работени во повеќе техники: масло на платно, акварел, цртеж, бајц, керамика, скулптура, комбинирана техника.
„Изложеното е пресек на моето творештво. Мотивот кој ме водеше овој половина век е животот и околината. Продолжувам со работа, таа никогаш нема крај. Тоа ме одржува како човек и како автор. Творбите не ми се комерцијализирани, тие се длабоко искрени“, рече Јаневски.
Јаневски во 1968 завршил на вајарскиот отсек на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на проф. Вања Радауш. Од 1969 до 1981 членувал во Хрватското друштво на ликовни уметници, а потоа во Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Лани ја доби општинската награда 9 Ноември.
П. ПЕЧКОВ