ХОЛАНДИЈА ЈА НАМАЛУВА МАКСИМАЛНАТА БРЗИНА НА ПАТИШТАТА ПОРАДИ КРИЗАТА СО ЗАГАДУВАЊЕТО

Амстердам, (Би-Би-Си)

Максимално дозволената брзина на холандските патишта ќе биде ограничена на 100 километри на час, во обид да се намали загадувањето со азотен оксид, изјави премиерот Марк Руте.

Тој кажа дека оваа мерка е непопуларна, но неопходна и ќе се однесува на дневно возење, додека ноќе и натаму ќе може да се вози до 130 км/час. Новото ограничување ќе стапи на сила следната година, заедно со низа други мерки, како одговор на големиот проблем со штетни емисии.

„Ова на никого не му се допаѓа, но нешто поголемо е во прашање. Мора да се спречи непотребното губење на работни места“, кажа Руте, додавајќи дека ова е најголемата криза откако дојде на власт пред девет години, поголема дури и од бегалската од 2015/16.

Поради кризата со загадувањето, Холандија со судска одлука мораше да запре илјадници големи инфраструктурни проекти, што загрозува околу 40.000 работни места.

Со новата мерка, Холандија ќе биде држава со најмала максимална брзина во Европа, каде што просекот е 130 км/час.