АВСТРИСКИОТ ФИЛМ „ЛИЛИЈАН“ ПОБЕДИ НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Австрискиот филм „Лилијан“ од Андреас Хорват ја доби наградата Златна ѕвезда за најдобар филм во официјалната селекција на 18. Фестивал на европски филм Синедејс во Скопје. Сребрена ѕвезда за најдобра режија доби Мехмет Акиф Баукаталеј од Германија за филмот „Орај“, а Сина ѕвезда за најдобро сценарио Мунија Медур, сценарист и режисер на „Душичка“.

„Заврши полнолетното издание на Синедејс и со задоволство можеме да почнеме да го подготвуваме следното, бидејќи ова издание го следеше повеќе од 12.000 публика, имавме и 100 странски гости. Гласот за овој фестивал допира сѐ подалеку, дигиталната комуникациска стратегија ги покажа своите предности и знаеме дека се движиме во вистински правец“, рече Русе Арсов, в. д. директор на Младински културен центар.

Во селекцијата СинеБалкан, наградата Златно сонце за најдобар филм ја доби „Сестра“, во режија на Светла Кокоросова од Бугарија. Првиот добитник на наградата за најдобра филмска музика е композиторот Михаил Новински за филмот „Со остар нож“ од Теодор Кун. Наградата за најдобар студентски филм му припадна на „Бела соба“ во режија на Младен Станиќ.