Од театарската сцена во Шангај и Пекинг годинава повторно прозвучи македонскиот јазик. Ансамблот на Народниот театар од Битола деновиве се врати од 14-дневната турнеја низ Кина. Одигрувајќи ја претставата „Детето сонува“ од Ханох Левин, во режија на Итаи Доро, шест пати пред шестилјадна публика, битолските актери му го честитаа 75. роденден на Народниот театар, основан на 14 ноември 1944.
Битолскиот театар е единствениот во земјава кој со комплетна опрема, костимографија и сценографија има гостувано во Кина. Турнејата почна во Шангај, а потоа гостуваше на фестивалот „Лао ше“ во Пекинг. Публиката со овации ги проследи изведбите на „Детето сонува“, која е приказна за патувањето на мајка и дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото, а нив ги протеруваат. Претставата во фокусот ја има голготата на мигрантите.
„Бевме супер прифатени, имаше доста публика. Во Шангај имавме две изведби пред околу 1.700 гледачи по претстава. На фестивалот во Пекинг имаше и претстави од Глоуб театарот од Лондон и бевме во друштво на истакнати театарски куќи. Публиката беше едуцирана, имавме разговори пред претставата, на кои присуствуваа над 200 луѓе. Шесте изведби ги погледнаа околу 6.000 луѓе. Со продуцентката се договоривме да дојде во Битола во почетокот на следната година“, рече Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар.
Гостувањето се совпадна со свеченостите посветени на јубилејот 70 години од формирањето на НР Кина.
„Имавме одличен прием, со многу интервјуа, фотографирања и делење автограми. Во Шангај одигравме две, а во Пекинг четири претстави, по две во еден ден. Исто така наидовме на одличен прием, долги аплаузи и преубави критики“, рече актерот Петар Горко.
Претставата „Детето сонува“ беше изведена на македонски јазик, а истовремено одеше превод на англиски и кинески јазик.
Ова е второ гостување на Народниот театар во Кина, по она во 2014, кога на Интернационалниот фестивал на театарски класици во Пекинг гостуваше со претставата „Хенри Шести“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА