БИЛ ГЕЈТС ПОДДРЖА ПРОЕКТ ЗА ПРЕТВОРАЊЕ НА СОНЧЕВА СВЕТЛИНА ВО ИЗВОР НА СТРУЈА ЗА ТЕШКА ИНДУСТРИЈА

Њујорк, (Гардијан)

Бил Гејтс поддржа проект кој има за цел да претвора сончева светлина во извор на жештина од над 1.000 Целзиусови степени, што би можел да биде замена за фосилни горива.

Најбогатиот човек на светот им се придружува на инвеститорите кои стојат зад „Хелиоген“, првата компанија која складира сончева светлина за да се постигнат температури доволно високи за обезбедување електрична енергија дури и за тешка индустрија.

(Фото: Хелиоген)

Технологијата дури може да постигне температури од 1.500 степени, со што преку делење на молекули на водород од водата се создаваат еколошки чисти гасови, што можат да се користат за домашно греење или како погон на автомобили и индустрија.

„‘Хелиоген‘ е технолошки чекор напред во справувањето со штетните емисии од индустријата и сообраќајот, кои се одговорни за 75% од светските емисии на јаглероден диоксид“, вели основачот и извршен шеф на компанијата Бил Грос.

Компанијата користи софтвер кој усогласува голем број огледала да рефлектираат сончева светлина кон одредена цел, создавајќи извор на жештина речиси трипати посилен од досега познатите комерцијални соларни системи. На тој начин се создаваат температури доволно високи дури и за производство на цемент, кој е третиот најголем извор на штетни емисии, зад нафтата и јагленот.