НЕ МИСЛЕВ ДЕКА ЌЕ ИЗГЛЕДАМ ВАКА ОДЛИЧНО НА 80 ГОДИНИ, ВЕЛИ ТИНА ТАРНЕР ЗА 80. РОДЕНДЕН

Цирих, (Мирор)
Mandatory Credit: Photo by Richard Young/REX/Shutterstock (9635015c) Tina Turner 'Tina: The Tina Turner Musical' press night, Aldwych Theatre, London, UK - 17 Apr 2018

„Се чувствувам како да сум добила втора шанса во животот“, вели музичката легенда Тина Тарнер, која денеска полни 80 години.

Таа зад себе има блескава 60-годишна кариера, во која продаде над 200 милиони албуми.

„Тина стана ѕвезда во нејзините 20-ти години со Ајк Тарнер, избега од неговите малтретирања во 30-ти, стигна до врвот на светските топ-листи во 40-ти, го помина светот со турнеи во нејзините 60 години и сега би сакале да поспие“, напиша неодамна „Њујорк тајмс“.

Но, во изминатите години, Кралицата на рокенролот имаше здравствени проблеми: борба со ракот и трансплантација на бубрег.

„Имам 80 години. Како мислев дека ќе изгледам на 80 години? Не вака. А, изгледам одлично! Се чувствувам добро. Поминав низ некои сериозни здравствени проблеми, но тоа е како да добив втора шанса за живот. Среќна сум што сум 80-годишна“, изјави Тарнер.

Тина Тарнер со вториот сопруг Ервин Бак, кој ѝ донирал бубрег во 2017 (Фото: Гети)

Легендарната пејачка признава дека „медицинската авантура е далеку од завршена“.

Во 2013 имаше мал мозочен удар, па морала да учи одново да оди. Три години подоцна добила дијагноза дека ѝ откажува еден бубрег и дека има рак на дебело црево. Докторите ѝ отстраниле дел од дебелото црево, но проблемите со бубрегот се влошиле и вели дека дури размислувала за евтаназија. Но, нејзиниот втор сопруг Ервин Бак ѝ донирал бубрег, па Тарнер имала успешна трансплантација во април 2017.

Пејачката од 1995 живее со Бак во Цирих. Последниот концерт го одржа во 2009 и, како што изјави неодамна за „Њујорк тајмс“, доста ѝ е од настапи.

„Се качив во авион, издишав длабоко и си реков: ‘Готово е’“, вели таа.