Меч украсен со дијаманти и сложено дизајнирани брошеви украдени вчера од музејот Зелен трезор во Дрезден можеби веќе никогаш нема да бидат видени, предупредуваат експерти.
Дел од колекцијата создадена од кралот на Саксонија Августус Силниот во 1723 година, тие се толку препознатливи што крадците најверојатно ќе мора да ги искршат. Украдените предмети се опишани како бесценети.
Полицијата објави фотографии од украдените драгоцености и побара помош од јавноста.
„Уништувањето на овие вредни уметнички дела ќе биде ужасна идеја. Ова се предмети од културно-историско значење. Не можеме да ги процениме бидејќи се бесценети“, изјави директорката на Музејот, Марион Акерман.
Грабежот се случи вчера во раните утрински часови и притоа се украдени три комплети дијамантски накит. Весникот „Билд“ објави дека нивната вредност изнесува милијарда евра. Полицијата засега нема осомничени за грабежот.