ЗАВИСЕН СУМ ОД ДАВАЊЕ ГОЛОВИ, КАЖА ЛЕВАНДОВСКИ ПО ИСТОРИСКАТА ВЕЧЕР ВО БЕЛГРАД

Минхен, (Си-Ен-Ен)

Каде и да оди, Роберт Левандовски го следат рекорди. Оваа сезона, полскиот напаѓач на Баерн е во таква голгетерска серија, што и Лео Меси и Кристијано Роналдо можат да му позавидат.

Тој вчера ги постигна најбрзите четири гола во историјата на Лигата на шампионите, тресејќи ја мрежата на Црвена звезда четири пати за период од само 14 минути и 31 секунда.

„Мора да признам, зависен сум од давање голови“, кажа Левандовски по неверојатната вечер во Белград и победата на Баерн од 6:0.

Триесет и едногодишниот Левандовски е еден од најдобрите напаѓачи во Европа веќе цела деценија и незаслужено во сенка на Меси и Роналдо. Само оваа сезона, тој има дадено 31 гол, а сѐ уште не сме ни декември. Ова вклучува 10 голови во Лигата на шампионите, 17 во Бундеслигата и четири за репрезентацијата на Полска.

„Сето тоа се должи на неговиот професионализам. Треба да видите каков е на тренинзите. Тој секогаш бара дополнително да работи за да се подобрува“, вели тренерот на Баерн, Ханси Флик.