СЛОВЕНЕЧКОТО ЧУДО ЛУКА ДОНЧИЌ СО САМО 20 ГОДИНИ СТАНА ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ИГРАЧИ ВО НБА

Далас, (АП)

Лука Дончиќ, 20-годишната ѕвезда на Далас маверикс, има нереален старт на сезоната. Тој постигна личен рекорд од 42 кошеви во поразот од Феникс со 120:113, но и нешто што не им успеало ниту на најголемите имиња во историјата на НБА.

Словенечкиот репрезентативец имаше месец за аналите на НБА, завршувајќи го ноември со просек од 32,4 поени, 10,3 скокови и 10,4 асистенции. Трипл-дабл скор со просечни 30 кошеви во еден календарски месец досега имаат остварено само уште Оскар Робертсон и Расел Вестбрук.

Роден во Љубљана, Дончиќ дебитираше за селекцијата на Словенија со само 17 години, а со 18 ја предводеше до првата титула на европските првенства. Тогаш веќе беше (најдобар) играч на Реал Мадрид, за кој потпиша договор кога имаше само 13 години, за во 2018 да се пресели во НБА.

Уште во првата сезона во НБА, Дончиќ стана клучен играч на Далас и беше прогласен за најдобар дебитант во лигата. Со 20 години и само 100 мечеви зад себе, Дончиќ веќе е еден од најдобрите играчи во НБА и многумина го споредуваат со Лери Брд и Леброн Џејмс.

Тој е предобар, не би го заменил за никого“, вели Рик Карлајл, тренерот на Далас, кој доби вистинска замена за Дирк Новицки во вистинско време.