МОМЧЕ ОД БЕЛГИЈА ЌЕ ЗАВРШИ УНИВЕРЗИТЕТ НА ДЕВЕТ ГОДИНИ

Ајндховен, (Ројтерс)

Момче од Белгија е на прагот да добие факултетска диплома на деветгодишна возраст, во што би бил најмлад на светот.

Лоран Симонс студира електротехника на Технолошкиот универзитет во Ајндховен (ТУЕ) и се очекува да дипломира овој декември, завршувајќи ја тригодишната програма за девет месеци. Професорите го опишуваат малиот гениј како „едноставно извонреден“.

Тој потоа планира да запише докторски студии по електротехника и паралелно да студира медицина, изјави неговиот татко Александер.

Лоран во лабораторија на Технолошкиот универзитет во Ајндховен (Фото: Ројтерс)

Лоран Симонс од Остенде има коефициент на интелигенција 145 и пред година и пол ја зеде средношколската диплома, и тоа со клас на 18-годишници.

„Уште првите професори на Лоран имаат забележано нешто навистина посебно во него. Тој беше тестиран за да се види распонот на неговите таленти и професорите ни кажаа дека е како сунѓер“, вели Александер Симонс.

Иако Лоран доаѓа од семејство на лекари, неговите родители сѐ уште немаат објаснување како тој е способен да учи толку брзо.

„Досега не сум имал студент кој учи толку брзо. Не само што е хиперинтелигентен, туку е и многу симпатично момче“, изјави директорот на ТУЕ, Сјурд Хулсхоф.

Голем број престижни универзитети веќе пројавиле интерес за Симонс.