БАНГКОК Е НАЈПОСЕТЕНИОТ ГРАД НА СВЕТОТ, НО ВО ДУБАИ НАЈМНОГУ СЕ ТРОШИ

Втора година по ред, Бангкок е туристичката дестинација број еден во светот, стои во годишниот извештај за најпосетените градови, што го објавува „Мастеркард“.

Се проценува дека главниот град на Тајланд ќе го посетат 20,2 милиони странски туристи оваа година, а во првите пет уште се Лондон, Париз, Дубаи и Сингапур. На сите овие градови им се предвидува зголемување на бројот на туристи од три до осум отсто во однос на лани.

„Мастеркард“ го почна ова истражување во 2009 година и опфаќа над 130 градови од целиот свет.
Лондон е на второто место на оваа листа со 19 милиони туристи, додека Сингапур успеа да го истисне Њујорк од првите пет.

Меѓу десетте најпосетени градови уште се Сеул, Куала Лумпур, Токио и Истанбул.
Се очекува оваа листа да претрпи промени во блиска иднина, бидејќи најголем раст во бројот на странски посетители остваруваат Осака (24%), Ченгду (23%) и Коломбо (20%).

Сепак, Дубаи е градот во кој туристите најмногу трошат. Тие минатата година оставиле таму 28,5 милијарди долари, па следува Њујорк, каде што биле потрошени 17 милијарди.
Лондон од странски туристи има заработено 16 милијарди долари. Во првите десет според потрошувачката уште се Сингапур, Бангкок, Париз, Токио, Тајпеи, Сеул и Барселона.

Напишете коментар