СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР ЈА ЗАВРШУВА ГОДИНАТА СО ПРЕМИЕРА ОД КОРЕОГРАФОТ ПЕЛЕД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Младински културен центар премиерно ќе се изведе претставата „Трагедијата на тигарската буба“, последна на Скопје танцовиот театар за 2019. Кореограф е гостинот од Берлин, Јотам Пелед.

„Во ‘Трагедијата на тигарската буба’ го истражуваме човекот кој е изгубен во огромниот број информации и сонува за исклучување. Играјќи помеѓу комичното и трагичното, оваа физичка театарско-танцова претстава сугерира гротескен универзум каде вредноста на животот и смртта се губи низ бројките“, вели Пелед.

Во претставата настапуваат танчарите на СТТ Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса и Џорџа Лили (стажантка од Италија) и студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова и Дамла Пинар Башар (Турција).