ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ЌЕ ИМА РЕКОРДНА БРОЈКА ПРАТЕНИЧКИ, НО И НАТАМУ ЗАОСТАНУВА ЗАД МАКЕДОНИЈА

Лондон, (Гардијан)

Велика Британија ќе има рекордна бројка пратенички во новиот состав на парламентот, но и натаму е далеку од постигнување на родова еднаквост.

На изборите што се одржаа во четвртокот, 220 жени беа избрани во парламентот, 12 повеќе од досега, но тоа е само 34% од вкупниот број членови. Велика Британија, сепак, напредува, имајќи предвид дека во 1979 година имала само 19 пратенички.

Пред последните избори, Велика Британија се наоѓаше на 39. место на глобалната листа за застапеност на жени во националните парламенти, на која што Македонија котира доста солидно.

Со 47 пратенички избрани на последните парламентарни избори во декември 2016 година (39,17%), Македонија се наоѓа на 21. место на моменталната листа и од европските земји, пред нас се само Андора, Шпанија, Шведска, Финска, Белгија, Норвешка, Франција и Австрија.

Листата има по малку изненадувачки лидер – Руанда, во чиј парламент седат 61,25% жени (49 од 80). Тие се мнозинство и во парламентите на Куба (53,22%) и Боливија (53,08%), а четвртопласираната Андора има родова еднаквост во вистинска смисла на зборот (14 од 28 пратеници се жени). Многу блиску до ова се и Мексико (48,2%), Шпанија (47,43%), Шведска (47,28%) и Финска (47).

Држави како Микронезија, Папуа Нова Гвинеја и Вануату немаат ниту една жена во своите парламенти.