КУЛТНИ ФИЛМСКИ НАСЛОВИ ОД 1980-ИТЕ ЌЕ ВОСКРЕСНАТ ВО 2020, ПО ПЕТ ГОДИНИ СЕ ВРАЌА И ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (Гардијан)

Том Круз повторно ќе биде Маверик, се собира старата (и нова) екипа на истерувачи на духови, а Даниел Крег за последен пат ќе го спасува светот како Џејмс Бонд. 2020 година носи оживување на култни холивудски наслови за да ги доближи до новите генерации.

НЕМА ВРЕМЕ ЗА УМИРАЊЕ

Продукцијата на 25. филм од серијалот за тајниот агент 007 беше трауматична и тој конечно доаѓа во кината во април, неколку месеци подоцна од првично планираното. Пет години по „Спектра“, Џејмс Бонд е повикан од пензија за да му се спротивстави на злосторникот што го игра оскаровецот Рами Малек.

ТОП ГАН: МАВЕРИК

Улогата на Маверик го направи Том Круз еден од секс-симболите на 1980-ите, но тогаш беше 24-годишен. Триесет и четири години подоцна, Круз е инструктор на младиот пилот Рустер (Мајлс Телер), кој би можел да биде идно лице на франшизата, ако продолжи. Како изгледа тоа, ќе видиме на 26 јуни.

Даниел Крег за последен пат го игра Џејмс Бонд (Фото: Алами)

ИСТЕРУВАЧИ НА ДУХОВИ

Најавен како продолжение на „Истерувачи на духови 2“ од 1989 година, „Afterlife“ го снимаше Џејсон Рајтман, синот на режисерот на првите два дела Иван Рајтман. Покрај новите лица Пол Рад, Фин Волфхард, Кери Кун и Мекена Грејс, своите улоги ќе ги репризираат Бил Мареј, Ден Ејкројд, Ерни Хадсон и Сигурни Вивер. Премиерата е закажана за 10 јули.

ГОДЗИЛА ПРОТИВ КОНГ

Имавме низа филмови за Годзила, имавме и низа филмови за Кинг Конг, а сега најпознатите филмски чудовишта „ќе се судрат во спектакуларна битка на двете најмоќни сили на природата“. Филмот излегува на 20 ноември.

ДИНА

Откако направи нова верзија на „Истребувач“, режисерот Денис Вилнев се фати за култниот научно-фантастичен роман на Френк Херберт, 36 години откако тоа го направи Дејвид Линч. Актерската постава е импресивна: Тимотеј Шаламе, Ребека Фергусон, Оскар Ајзак, Џош Бролин, Стелан Скарсгорд, Џејсон Момоа и Хавиер Бардем, меѓу другите. Во кината доаѓа на 18 декември.

БРЗИ И БЕСНИ 9

Акционата франшиза не запира. Од 22 мај, Вин Дизел повторно ќе биде на улиците како Дом Торето, заедно со сопругата Лети Ортис (Мишел Родригес) и сестрата Мија (Џордана Брустер). Се враќа и Шарлиз Терон како сајбертерористката Сајфер.

ТЕНЕТ

Во морето продолженија и обработки, новиот филм на Кристофер Нолан треба да биде вистинско освежување. Трејлерот најави нова откачена екскурзија низ времето, што стана специјалност на британскиот филмаџија („Мементо“, „Зачеток“, „Интерстелар“). Едвај чекаме да дојде 17 јули.