СЕРЕНА ЈА ОСВОИ ПРВАТА ТИТУЛА ОТКАКО СТАНА МАЈКА

Окленд, (АП)

Серена Вилијамс ја освои првата титула откако стана мајка, триумфирајќи на турнирот во Окленд.

Во финалето, 38-годишната Американка ја совлада Џесика Пегула со 6:3, 6:4, што ѝ е вкупно 73. титула во кариерата, но прва откако на стартот на 2017 го освои Отвореното првенство на Австралија. Вилијамс потоа откри дека финалето во Мелбурн го играла во осмата недела од бременост, а ќеркичката Алексис Олимпија ја роди во септември. Во меѓувреме беше поразена во финалето на Вимблдон во 2018 и на Ју-Ес опен во 2019 година.

„Добро е чувството. Помина долго време. Мислам дека можете да видите олеснување на моето лице“, кажа Вилијамс и додаде дека парите освоени во Окленд (43.000 долари) ќе ги донира за борба против пожарите во Австралија.

Почнувајќи од февруари 1999, Вилијамс сега има освоено титула во четири различни декади. На претстојниот Австралија опен, таа ќе се обиде да стане само четврта тенисерка која освоила гренд слем титула по породувањето, по Маргарет Корт, Евон Гулагонг и Ким Клајстерс.