БОКИ 13 ПОБЕДИ НА МАСКЕНБАЛОТ ВО ТЕТОВО

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Десетина години по ред, за Бадник во Тетово се организира маскенбал. Вековната традиција маскирани деца да одат по куќите и да ја пеат песната „Б‘дња баба“ ја презедоа повозрасните тетовци и за Бадник почнаа и тие да се маскираат.

Во изминатите 11 години, на Фејсбук страницата „Ја го љубим Тетоо“, што ја одржува Дарко Гавроски, истражувач и публицист на историјата на Тетово, се организира избор на најуспешна маска на Бадникарскиот маскенбал.

(Фото: Фејсбук страница „Ја го љубим Тетоо“)

„Оваа година, на натпреварот се пријавија над 200 учесници, кои испратија фотографии со маските со кои се појавија на Бадник, а кои беа објавени на мојата Фејсбук страница ‘Ја го љубим Тетоо’. Изборот на најуспешна маска, всушност, го направија самите посетители со ставање лајк на маската која најмногу им се допаднала. На годинашниов маскенбал имаше и поединечни и групни маски, а темите беа најразлични, но се доби впечаток дека доминираа ликовите од домашната и странската политичка сцена. Со освоени 1.742 лајкови, победи маската која го претставува Боки 13“, изјави Гавроски.

Бадникарскиот маскенбал од година во година станува сѐ поголем и поорганизиран и веќе постои иницијатива тој да прерасне во трајна и заштитена градска манифестација и препознатлив белег на Тетово.

(Фото: Фејсбук страницa „Ја го љубим Тетоо“)

З. АНДОНОВ

(Фото: Фејсбук страницa „Ја го љубим Тетоо“)