Пожарите со досега невидени размери уништија огромни природни пространства на Австралија. Се проценува дека се изгубени половина милијарда животни и неброено многу дрвја и растенија откако пожарите почнаа во септември. Притоа изгорела површина од 6,3 милиони хектари.

Но, во некои области зафатени од огнената стихија одново се појавуваат знаци на живот.

Испитувајќи го теренот околу неговиот дом во Калнура во Нов Јужен Велс, 71-годишниот фотограф Мари Лоув пронашол розеви ливчиња изникнати од изгорени стебла и зелена трева.

„При секој чекор додека одевме меѓу изгорени стебла, од земјата се креваше пепел. Наоколу имаше тишина и мртвило што можат да се почувствуваат само по пожар со таков интензитет“, изјави Лоув.

Гледајќи растенија кои по кратко време повторно почнале да растат, Лоув вели дека тоа му дало надеж откако сведочел на „тотално уништување“.

„Тоа беше знакот на обнова што го баравме, шумата повторно се раѓа“.

Научниците велат дека ваква обнова е нормална.

„Овие растителни видови се соочувале со пожари десетици милиони години и низ еволуција, развиле способност да се обновуваат откако ќе изгорат“, изјави д-р Кимберли Симпсон од Универзитетот во Шефилд.