Во 92-годишната историја на Оскарите не се случило документарец да биде номиниран за најдобар филм и „Медена земја“ вчера најмногу се доближи тоа. „Медена земја“, кој моментално е во понуда на стриминг гигантот „Хулу“, се запиша во филмската историја откако влезе меѓу петте номинирани и за најдобар документарен и за најдобар странски филм.
„Ако Академијата го смета ‘Медена земја‘ за еден од петте најдобри документарци и петте најдобри странски филмови, нели би можел да влезе и во трката за најдобар филм?“, прашува угледниот сајт „Индиваер“.
Филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е еден од двата големи хита на дистрибутерот „Нион“ на годинашните Оскари. Вториот е јужнокорејскиот „Паразит“, кој, меѓу шесте номинации, ќе биде (нај)голем конкурент на „Медена земја“ за Оскарот за најдобар странски филм.
- „Паразит“ е шести филм кој во иста година доби номинација за најдобар странски филм и за најдобар филм. Претходните пет, вклучувајќи го и „Рома“ лани, победија само во првата категорија.
- Бонг Јон Хо е првиот Јужнокореец номиниран за најдобар режисер.
- Рекордни 62 жени се номинирани за оскар оваа година.
- Скарлет Јохансон досега немаше номинација за оскар, а сега доби две: за главна („Брачна приказна“) и за споредна улога („Зајакот Џоџо“). Досега имало само 11 вакви случаи низ историјата.
- Две номинации има и Синтија Ериво: за најдобра актерка и за најдобра песна („Хариет“).
- Мартин Скорсезе е номиниран по деветти пат, што е три помалку од Вилијам Вајлер.
- Британскиот актер Џонатан Прајс на 72 години ја доби првата номинација за оскар, за „Двајцата папи“.
- Наспроти него, 25-годишната Сурша Ронан е втората најмлада актерка во историјата која собрала четири номинации (по Џенифер Лоренс).
- Композиторот Томас Њумен ќе го има 15. обид да го освои првиот оскар, а за неговата колешка Дајен Ворен ова е 11. шанса.
- Џон Вилијамс, пак, ја прими својата 52. номинација.
- Документарецот „Американска фабрика“ е првиот филм на продукциската компанија на Барак и Мишел Обама номиниран за оскар.