ШЕСТГОДИШНИК СОБРА НАД 250.000 ДОЛАРИ ЗА ЖИВОТНИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА ПРАВЕЈЌИ МАЛИ ГЛИНЕНИ КОАЛИ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Шестгодишно момче од Масачусетс, САД, собрало над 250.000 долари за помош на животинскиот свет погоден од катастрофалните пожари во Австралија, правејќи и продавајќи мали коали од глина.

Малиот Овен Каули изјави дека ја почнал акцијата на собирање средства од едноставна причина – затоа што сака животни.

„Најмногу ги сакам коалите затоа што се качуваат на дрвја“, кажа Каули.

Неговите родители Кејтлин и Сајмон велат дека Овен сакал да пронајде начин како да им помогне на животните.

Толку многу донации доаѓаа, што ни снема од глината, вели семејството Каули (Фото: Инстаграм)

„Кога Овен првпат дозна за пожарите, многу се вознемири. Ме праша дали има настрадани животни и јас му реков дека има. Тогаш првпат посака нешто што не е за него и заедно дојдовме на идеја да ги прави овие мали коали како подарок за пријатели и роднини кои ќе донираат нешто“, вели Кејтлин Каули.

Преку овие мали сиви коали, неговите родители ги упатуваа луѓето да донираат на Wildlife Rescue South Coast, волонтерска група за заштита на див свет од Нов Јужен Велс. Секој што ќе донираше 50 долари или повеќе добиваше една коала и за кратко време била надмината првично поставената цел од 1.000 долари. Семејството потоа отвори страница за донирање на GoFundMe, на која за неполни десет дена биле собрани 250.000 долари.

Толку многу донации доаѓаа, што ни снема од глината, а сакавме сите да добијат една коала“, вели Кејтлин.

Овен како мал едно време живеел во Австралија, каде што пораснал татко му. На него му требаат три-четири минути за да направи една коала, која потоа се пече 17 минути.