ВИЕНА ЌЕ ГИ НАГРАДИ ЖИТЕЛИТЕ КОИ КОРИСТАТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ СО БЕСПЛАТНИ БИЛЕТИ ЗА КУЛТУРНИ НАСТАНИ

Виена, (АФП)

Виена почна тест-програма со која граѓаните кои користат јавен превоз или одат пеш или возат велосипед, ќе бидат наградени со бесплатни билети за концерти и за музеи. Станува збор апликација која на телефоните засега може да ја користат 1.000 корисници. Ако шестмесечниот тест се покаже како успешен, се очекува апликацијата да биде ставена во употреба од есенва.

Апликацијата работи преку систем за следење, кој го препознава начинот на транспорт кој се користи и пресметува колку е помало загадувањето во споредба со тоа кога би се возеле со автомобил.

„Сакаме да го наградиме намалувањето на загадувањето со културно доживување“, изјави членот на Градскиот совет на Виена Питер Ханке, на презентацијата на апликацијата со која корисниците ќе собираат „културни поени“.

Корисниците ќе добијат еден поен откако ќе заштедат 20 килограми јаглерод диоксид, што е просек доколку еден жител две недели не се вози со автомобил на работа, вели шефицата на проектот Кристина Хубин. Поените може да бидат заменети за бесплатни билети за 4 културни институции кои ќе бидат дел од проектот.