Шупет стана најбогатата мачка на светот откако по смртта на славниот дизајнер Карл Лагерфелд во февруари минатата година ѝ припадна добар дел од неговото наследство од 200 милиони евра.
Таа денес живее со дадилка во предградие на Париз и има свој профил на Инстаграм, на кој беше објавена серија фотографии што ги снимил самиот Лагерфелд непосредно пред неговата смрт.
„Таа е славна мачка. Има свој менаџер бидејќи добива многу барања. Досега нема сработено ништо затоа што е ултраизбирлива“, изјави Каролин Лебар, шефица на комуникации на брендот „Карл Лагерфелд“ во Париз.
Според неговиот пријател Герхард Штајдл, Лагерфелд правел и до 50 фотографии од Шупет дневно. Таа беше неговата најголема љубов, леташе со него со приватен авион и ѝ купуваше дијамантски ѓердани.
Тој веднаш се вљубил во Шупет кога првпат ја видел кај нејзиниот оригинален сопственик, францускиот модел Баптист Гјабикони, во 2011 година и по две недели ја зел кај себе. Шупет потоа се појави во низа рекламни кампањи и денес има 128.000 следбеници на Инстаграм.