Од денеска во Франција, секоја комерцијална фотографија што ќе биде дигитално обработена за да изгледаат манекенките послабо ќе добие етикета, слична на оние што можат да се видат на кутии од цигари.
„Фотографијата е ретуширана“, ќе мора да стои на фотографијата, што значи дека таа дополнително била изменета во фотошоп.
Секое избегнување на ова правило ќе значи казна од 37.500 евра или 30% од цената на создавањето на рекламата.
Владата на овој начин сака да се справи со постојаното обработување на фотографиите како да е јавен здравствен проблем и се надева дека тоа ќе им помогне на манекенките и воопшто на жените, од кои се бараат невозможни стандарди на убавина.
„Ако млади луѓе постојано се изложуваат на нереалистични фотографии на тела, тоа кај нив може да предизвика ниска самодоверба и себепотценување, што, пак, може да влијае врз нивното однесување“, вели министерката за здравство, Марисол Турен.
По Израел, Франција е втората земја која воведува ваков тип на правила. Проблемот со анорексијата добива големо внимание во Франција, бидејќи индексот на просечната телесна маса, според кој се мери дали некој е преслаб или предебел, таму е најнизок во Европа.