За добар блуз и за добра дружба вреди да се потегне и до Средно Водно во недела попладне.
Првото блуз здружение во Македонија „Блуз фамилија“ ја одржа третата свирка од серијалот „Бекјард сешнс“, преку кои го промовира премиерното издание на акустичниот „Котон блуз фестивал“, што ќе се одржи во мај и ќе има хуманитарен карактер, бидејќи собраните средства ќе бидат донирани на Детска онкологија.
За да се излезе надвор од вообичаените градски шеми, „дворот“ за свирка овојпат беше клубот на моторџиската екипа „Потфат“, лоциран на Средно Водно, а за пријатната атмосфера се погрижија дечките од „Онија“, еден од најангажираните скопски блуз состави. Концептот на „Блуз фамилија“ уште еднаш се покажа полн погодок, бидејќи и да не сте некој голем љубител на блузот, во добриот амбиент што го нуди „Бекјард сешнс“ секој може да се вклопи.
„Блуз фамилија“ е здружение кое обединува и музичари и фанови на блузот и до фестивалот во мај, „Ин д муд“, педијатарот Гого Паскалов и екипата планираат уште една ваква сесија.