Автосаемот во Женева нема да се одржи за првпат во последните 71 година, потврди организаторот „Палекспо“.
Ова уследи откако швајцарската влада донесе одлука за забрана на сите манифестации на кои присуствуваат најмалку 1.000 луѓе, како мерка на заштита против ширењето на коронавирусот.
Од „Палекспо“ велат дека откажувањето на саемот ќе ја чини локалната економија меѓу 200 и 250 милиони евра. Исто така, изложувачите кои веќе ги донесоа своите возила во Женева нема да бидат компензирани.
Забраната за големи јавни настани ќе биде на сила до средината на идниот месец и ќе го опфати токму периодот на планираното одржување на саемот (5-15 март), кој е еден од најпрестижните во светот на автомобилизмот.
„Повеќе од 160 брендови требаше да изложуваат на саемот. Ова е случај на виша сила, па тие нема да бидат обесштетени, додека на посетителите ќе им бидат вратени парите од карти“, изјави Морис Туретини, претседателот на организацискиот одбор на Автосаемот.
Во Швајцарија досега се регистрирани 15 случаи на коронавирус, вклучувајќи ја и Женева.