КАНАДА ВЕЌЕ НЕМА ДА ПЛАЌА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ХАРИ И МЕГАН

Отава, (АФП)

Канада од март веќе нема да плаќа за обезбедувањето на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, објави министерот за јавна безбедност Бил Блер.

Војводата и војвотката од Сасекс живеат во вила во Британска Колумбија уште од ноември. Минатиот месец тие објавија дека се откажуваат од кралските задолженија, за што добија поддршка од кралицата Елизабета Втора.

Кралската полиција на Канада беше задолжена за безбедноста на брачната двојка според Меѓународната конвенција за заштита на лица. Но, како што стои во соопштението, „тоа ќе се промени во наредниот период, со оглед на тоа што ќе се промени и нивниот статус“.

Канаѓаните беа воодушевени од доаѓањето на Хари и Меган, но едно неодамнешно истражување покажа дека 77% од нив не сакаат да се одвојуваат државни пари за нивно обезбедување.