Премиерата на дваесет и петтиот филм за Џејмс Бонд се одложи по трет пат. „Не е време за умирање“ првично требаше премиерно да се прикаже на 8 ноември 2019, па се презакажа за 14 февруари 2020. Бонд, по петти пат со Даниел Крег во насловната улога, требаше да игра во кината од 3 април, а светската премиера беше закажана за 31 март во Ројал Алберт хол во Лондон.
Продуцентите на славната филмска франшиза, Мајкл Џ. Вилсон и Барбара Броколи, вчера објавија дека премиерата се одложува поради ширењето на коронавирусот на светско ниво, а во кината во Велика Британија ќе игра од 12 ноември, а во САД од 25 ноември.
„Само едно лице кое може и да нема симптоми може да ја зарази целата публика. Тоа не е тип на маркетинг кој некој би го посакал“, објавија продуцентите.
Новиот филм за Бонд досега претрпи повеќе турбуленции. Во ноември 2018, режисерот Кери Фукунуага го замени Дени Бојл и го преработи неговото сценарио, за кое се велеше дека имало за цел да предизвика несогласувања со продуцентите. На 8 јануари годинава беше објавено дека продуцентите на три месеци пред премиерата одлучија да го променат композиторот и го ангажираа оскаровецот Ханс Цимер да ја компонира музиката.