ТЕНИСКИОТ ТУРНИР ВО ИНДИЈАН ВЕЛС СТАНА НАЈГОЛЕМА СПОРТСКА ЖРТВА НА КОРОНАВИРУСОТ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Рафаел Надал веќе беше пристигнат во Калифорнија кога беше донесена одлука за откажување на Мастерс турнирот во Индијан Велс, еден од најголемите во тенисот.

Ова уследи откако во Коачела Вели, пустинска област источно од Лос Анџелес, беше прогласена вонредна здравствена состојба поради ширењето на коронавирусот.

Квалификациите требаше да почнат денеска, а главниот дел од турнирот в среда.

„Во овој момент постои преголем ризик да се организираат масовни собири на луѓе во оваа област. Не е во интерес на публиката и играчите турнирот да се одржи“, изјави д-р Дејвид Агус, професор по медицина на Универзитетот Јужна Калифорнија.

Индијан Велс често се нарекува „петти гренд слем“ и секоја година привлекува над 400.000 гледачи. Неговиот награден фонд изнесува 17 милиони долари.

„Рано е да се каже што ќе биде со турнирите кои следуваат. Здравјето и безбедноста секогаш ни се на прво место“, соопшти Асоцијацијата на професионални тенисери.

Поради коронавирусот, фудбалот во некои земји веќе се игра пред празни трибини, а иста слика ќе биде и на Формула 1 трката во Бахреин.