Директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје е четвртиот потврден случај на коронавирус во Македонија.

Министерот за здравство Венко Филипче изрази разочараност од неодговорниот однос на заразената директорка, која имала позитивен тест по враќањето од одмор во Италија откако во меѓувреме пет дена одела на работа.

Тој ја повика јавноста на поголема одговорност за колективното здравје.

„Со 14-дневна самоизолација го штитиме сопственото здравје. Како министер за здравство кој секојдневно апелира да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, морам да кажам дека сум крајно разочаран што станува збор за наша колешка лекарка. Ќе бидат преземени мерки против сите за кои ќе се утврди дека го загрозиле јавното здравје“, рече Филипче.

Тој додаде дека состојбата на останатите три заразени пациенти е стабилна.

Низ светот досега има повеќе од 111.000 заразени со КОВИД-19, а бројката починати порасна на 3.882. Тој досега е регистриран во 109 држави и територии.