СИ ЈА САКАМ РАБОТАТА И СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ УМРАМ НА СЦЕНА, ВЕЛИ АКТЕРОТ КРИСТОФЕР ПЛАМЕР

Њујорк, (АП)

На 87 години, Кристофер Пламер не само што работи – тој е презафатен.

На канадскиот ветеран наскоро му излегуваат дури пет филма, вклучувајќи го и „Човекот кој го измисли Божиќ“, во кој го глуми Ебенезер Скруџ, фиктивен лик од роман на Чарлс Дикенс.

И, како што вели, планира да работи до самиот крај.

„Си ја сакам работата, сакам ова што го правам. Ги жалам сите оние луѓе кои не го сакаат она што го работат и едвај чекаат да се пензионираат, што за мене е смртта. Јас никогаш нема да се пензионирам. Се надевам дека еден ден ќе умрам на сцена“, изјави Пламер, кој дочека да добие Оскар во 2012 година.

Тој вели дека романот „Божиќна песна“, во којшто еден од главните ликови е токму Скруџ, имал голема важност во неговото детство.

„Целото мое семејство порасна на Скруџ. Некои од нив дури биле на предавањата на Дикенс и го слушале како раскажува приказни“.

Тој открива дека за неговиот добар физички изглед е заслужна жена му.

„Таа е многу добар готвач. Знае како да готви извонредно избалансирани јадења“.