Една пекара во Финска почна да продава леб направен од инсекти и тврди дека тој е похранлив од лебот што секој ден го јадеме.

За подготовка на овој леб, покрај класичните состојки, како пченично брашно и семки, се користи и брашно од истолчени сушени штурци.

Еден ваков леб чини четири евра и содржи околу 70 штурци, но и повеќе протеини од просечен пченичен леб.

„Каков вкус има? Па, на леб. Тој нуди добар извор на протеини, како и можност да се навикнете на храна базирана на инсекти“, вели Јухани Сибаков, шефот на иновацискиот оддел во пекарата „Фазер“.

Во почеток, тој ќе се продава само во 11-те пекари на компанијата во Хелсинки, најмногу поради ограниченото количество на брашното од штурци, но за наредната година се планира проширување на снабдувањето.

Финска дури овој месец ја укина забраната за продавање инсекти како храна.

Според Обединети нации, околу две милијарди луѓе низ светот користат инсекти во исхраната.