Претседателот Стево Пендаровски попладнево прогласи вонредна состојба во Македонија поради кризата со коронавирусот, од кој досега има 43 заразени во земјава, при што 11 се нови случаи.
- Ова е првпат од прогласувањето на независноста во Македонија да е на сила вонредна состојба.
- Вонредната состојба ќе трае 30 дена и ќе важи за целата територија на земјата.
- Од денеска, Владата и министерствата ќе имаат зголемени надлежности и ќе можат да ги користат сите ресурси на државата, и јавни и приватни, за поуспешно справување со кризата.
- Вонредна состојба значи дека Владата ќе може да носи наредби, уредби и одлуки со сила на закон, со цел поголемо ограничување на луѓето и обезбедување поголеми средства за поддршка на економијата.
- Владата продолжува да функционира како техничка, со учество и на опозицијата.
- Пендаровски кажа дека парламентарните избори се одложуваат на неодредено време.
- Македонија ги воведе првите рестриктивни мерки на 10 март, кога беа затворени градинките, училиштата и факултетите и беа забранети сите поголеми собири на луѓе.
- Во понеделникот беа затворени сите гранични премини, а вечерва на полноќ се затвора и скопскиот аеродром.
- Во Македонија досега се регистрирани 43 случаи на коронавирус, од кои првата пациентка е излекувана.
- На светско ниво, денеска е надмината бројката од 200.000 заразени и 8.000 починати.