„Нетфликс“ ќе го намали видеоквалитетот на своите содржини во Европа во наредните 30 дена за да не се преоптоварува интернет прометот.
Во големи делови од Европа се зголеми барањето за стриминг бидејќи луѓето се во домашна изолација поради кризата со коронавирсуот. Со овој потег, „Нетфликс“ ќе го намали трошењето податоци за 25%, но оттаму додаваат дека гледачите и натаму ќе имаат добар квалитет на сликата.
Одлуката беше донесена по телефонски разговор со Тјери Бретон, еврокомесарот за внатрешен пазар, кој претходно изјави дека „луѓето повеќе би требало да гледаат содржини во стандардна дефиниција“.
Еден час видео со стандардна дефиниција троши еден гигабајт податоци, додека ХД форматот користи до три гигабајти на час. „Нетфликс“ има содржини и во ултрависока дефиниција 4К.
Користењето интернет значително се зголеми во Европа во изминатите недели бидејќи голем број луѓе работат од дома или избегнуваат да излегуваат надвор. И Фејсбук објави дека забележал зголемено користење на неговата платформа бидејќи „луѓето се обидуваат да останат поврзани со пријатели“.