Фудбалерите на германскиот првак Баерн почнале со сајбер тренинзи од дома за да ја одржат формата додека трае кризата со коронавирусот, а сезоната е во прекин низ цела Европа.

Тренерот Ханси Флик изјави дека е задоволен со работата на првиот тим и дека сите во клубот се подготвени за евентуален карантин во земјата. Бундеслигата ќе биде во прекин најрано до почетокот на април.

„Вчера го имавме нашиот прв сајбер тренинг, при што целиот тим е трениран од далечина. Играчите не се на терен, туку на екран. Сите се многу мотивирани и добро работат. Многу е важно да останеме во дневен контакт едни со други“, изјави Флик.

Тренинг-сесиите траат меѓу 75 и 90 минути.

„Сите можат да го гледаат тренерот на таблет, па можат да ги прават вежбите што се пренесуваат во живо од нашиот тренинг-центар. Подготвени сме за тоа земјата да биде ставена во карантин, па затоа развивме опции за работа од дома“, објави клубот.

Играчите се опремени и со спортски часовници, преку кои стручниот штаб ги прима сите податоци за нив.