ВО МАКЕДОНИЈА ДЕВЕТ НОВИ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, СЕ ВОВЕДУВА ПОЛИЦИСКИ ЧАС ВО НОЌНИТЕ ЧАСОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонија денеска се потврдени девет нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка се ближи кон 90. Ова е значително помала бројка во однос на вчера, кога имаше дури 28 новозаразени.

Од утревечер се воведува полициски час во земјата, како најнова строга мерка која треба да помогне во спречувањето на ширењето на коронавирусот. Тој ќе биде на сила од 21 до шест часот, објави Министерството за внатрешни работи.

Досега се регистрирани 86 случаи на коронавирус во земјата, од кои првата пациентка е излекувана. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека состојбата на една пациентка е критична, а уште тројца имаат потежок облик на пневмонија.

„Во фаза сме кога бројката на заболени расте. Во споредба со други земји, кривата на епидемијата е нешто поблага и искрено верувам дека дополнително зајакнување на мерките ќе даде резултати“, кажа Филипче.

Меѓу заразените има жители на Скопје, Дебар, Гостивар, Штип, Охрид и од вчера, и на Кавадарци.