ВО УТРЕХТ ЌЕ СЕ ГРАДИ НАЈГОЛЕМАТА ВЕЛОСИПЕДСКА НАСЕЛБА ВО ЕВРОПА

Утрехт, (Гардијан)

Најголемата, густо населена област без автомобили во Европа ќе се гради во Утрехт и предвидено е да има повеќе од 12.000 жители. Тоа ќе биде еден од најголемите проекти од овој тип во светот.

Лоцирана меѓу два канала во средишниот дел на градот, таа ќе се простира на 24 хектари и до 2024 година треба да го зацврсти угледот на Утрехт како велосипедистички главен град на Европа.

Првата велосипедска патека во Холандија е изградена токму во Утрехт во 1885 година, а лани тука беше отворен и најголемиот паркинг за велосипеди на светот, во кој на неколку спратови има место за 12.500 велосипеди од сите големини.

Во новоизградената област Мерведе ќе има 6.000 домови и низ неа би требало да возат 20.000 велосипеди.

„Би требало да биде полесно да имате велосипед отколку автомобил“, ја објасни архитектот Марко Брукман филозофијата на проектот.

Изградбата на првите домови би требала да почне во 2022 година, а во населбата ќе има и основно и средно училиште, здравствени и спортски центри, како и бизниси. До населбата ќе има лесен пристап од други делови на градот со велосипед и трамвај, а за достава и за собирање ѓубре ќе се користат електрични возила. На покривите на зградите ќе бидат поставени соларни панели или зеленило.

Брукман вели дека тој и неговите соработници биле инспирирани од други слични помали проекти во Париз и Амстердам, каде што се гради област со 600 домови.