ДОДЕКА Е ВО ИЗОЛАЦИЈА, ФРАНЦУЗИН ИСТРЧАЛ МАРАТОН НА СЕДУММЕТАРСКА ТЕРАСА

Тулуз, (АП)

Во времето кога милиони луѓе се принудени да седат дома поради пандемијата на коронавирусот, Французинот Елиша Ношомовиц сакал да покаже дека и така е можно да се остане во добра форма.

Овој жител на Балма, предградие на Тулуз, истрчал маратонска делница од 42,2 километри никогаш не напуштајќи го просторот на својата седумметарска тераса. Велејќи дека тоа бил голем физички и ментален предизвик, тој цело време споделувал снимки од својот потфат, со цел да им даде поддршка на медицинските служби за нивната исклучителна работа.

Идејата беше да почнам еден луд предизвик и да внесам малку хумор во оваа драматична ситуација на затвореност. Сакав да се уверам себеси дека сѐ уште можам да истрчам маратон. Ни самиот не знам колку пати ја поминав терасата“, изјави Ношомовиц.

За овој потфат му требале шест часа и 48 минути и тој вели дека на моменти му се повраќало и дека бил загрижен за бучавата што им ја правел на соседите, но никој не се пожалил.

Француските власти не им забрануваат на луѓето да излегуваат надвор и да трчаат и вежбаат, но за тоа мора да се пополни формулар.

Први вести за вакви активности дојдоа од Вухан, каде што еден маратонец истрчал 6.250 кругови во своја соба, при што кажа дека поминал 50 километри.