ВОДНО ПРВ ВИКЕНД БЕЗ КОЛИ, ГУЖВИ ВО АВТОБУСИТЕ

Скопје,(СМАРТ СДК.МК)

Паркинзите на Средно Водно денеска беа празни. Немаше возила ниту на патот, кој минатите викенди беше блокиран од паркирани коли, па пешаците и велосипедистите не можеа да поминат.

Забраната за движење на возила која од вчера ја воведе Град Скопје, се применуваше. Автобуските станици на новите линии 25А кај катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и 25Б кај Цветен пазар беа полни, а автобусите тесни да ги соберат сите граѓани. Линија 25А возеше кон Водно на секои 50 минути, а линијата 25Б на еден час.

Граѓаните стоеја и на горниот кат иако тоа е забрането бидејќи долу немаше место (Фото:М.Златевска)

„Мерката е добра, но треба почесто да има автобуси оти нема место. Сега ова е единствен начин да се стигне до Средно Водно освен пеш. Во автобусите има и мали деца со колички, па се создава голема гужва особено од 10 до 12 часот. Од што нема место долу и на горниот кат стојат луѓе, а тоа е забрането“, велат граѓаните кои денеска со линијата 25Б стигнаа до Средно Водно.

Забраната за движење на возила која од вчера ја воведе Град Скопје, се применуваше, на паркинзите имаше само неколку коли (Фото:М.Златевска)

Град Скопје со цел да се заштити парк шумата Водно воведе забрана за движење возила на Водно за викенди и државни. На клучката кај патот за Сончев Град и кај манастирот Свети Пантелејмон поставенисе знаци за забрана за движење на возила. На почетокот на патот кон Водно односно во близина на француската амбасада, стои возило на полицијата која ги враќа назад граѓаните кои со автомобили сакаат да стигнат до Средно Водно.

А. АНТЕВСКА