ЗАШТИТНА МАСКА Е НОРМА ВО НЕКОИ ЗЕМЈИ, НО СЗО НЕ ПРЕПОРАЧУВА СИТЕ ДА ЈА НОСАТ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Од појавата на коронавирусот, во некои средини како Кина, Хонгконг и Јапонија масовно се носат заштитни маски, додека во други, како САД, Велика Британија, Сингапур и Австралија, тоа не е случај.

Официјалната препорака на Светската здравствена организација (СЗО) е дека маска треба да носат само два типа на луѓе: оние кои се болни и имаат симптоми и оние кои се грижат за луѓе кои се или би можеле да бидат заразени. Никој друг не би требало да носи и има неколку причини за тоа.

Една е дека маската не дава сигурна заштита, бидејќи е докажано дека вирусот се пренесува преку ситни капки, а не преку воздухот. И нејзино симнување бара посебно внимание за да се избегне контаминација на рацете.

„Маските се ефективни само во комбинација со редовно миење раце“, вели СЗО.

Па, сепак, во некои делови на Азија речиси сите носат маска. Во Кина, Хонгконг, Јапонија, Тајван и Тајланд постои раширено мислење дека секој може да биде носител на вирусот, дури и здрави луѓе, но во некои источноазиски земји носење маска беше културна норма уште пред појавата на КОВИД-19, што поради аерозагадувањето, што поради сезонски болести.

Уште една причина е што овие држави имаат искусено и други тешки епидемии, како САРС.

Се проценува дека една третина од случаите на коронавирус во Кина биле без симптоми и овие лица се нарекуваат „тивки носители“. Исто така, дури 600 од заразените од крузерот „Дајмонд принсес“, што беше во карантин во Јокохама, немале никакви симптоми. Сличен обем на асимптоматични случаи е забележан и во Исланд.