ЗА ТРИ МЕСЕЦИ, КОРОНАВИРУСОТ СЕ ПРОШИРИ ВО РЕЧИСИ 200 ДРЖАВИ И ТЕРИТОРИИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Три месеци откако првпат беше идентификуван во кинескиот град Вухан, коронавирусот што ја предизвикува болеста КОВИД-19 се прошири во 198 држави и територии. Последните држави кои (вчера) потврдија прв случај на коронавирус се Либија, Мали и Гвинеја Бисау.

Според африканските центри за контрола на болести и превенција, коронавирусот досега не е регистриран во Сиера Леоне, Јужен Судан, Бурунди, Малави, Боцвана, Комори, Лесото и во Сао Томе и Принсипе.

Официјално, на светот има 195 независни држави, од кои 193 се членки на Обединети нации.

Македонија денеска одбележува еден месец од првиот потврден случај на коронавирус, што во меѓувреме порасна на 201, од кои тројца починаа.

На светско ниво досега има 490.000 заразени, додека бројката починати надмина 22.000.