Во периодот кога фудбалот и спортот генерално мируваат низ цел свет поради пандемијата на коронавирусот, во една европска земја сѐ тече нормално.
Во Белорусија деновиве стартуваше нова фудбалска сезона и во моментов, тоа е единственото активно фудбалско првенство на континентот и едно од ретките на светот. И не само што мечевите се играат, туку и на фановите им е дозволено да одат на стадион, бидејќи во земјата не се забранети масовни собири на луѓе. Така на саботното дерби помеѓу Минск и Динамо Минск имало 3.000 гледачи.
„Се случи ова дерби да биде единствениот официјален фудбалски натпревар на светот“, кажаа од Динамо по поразот од 2:3.
Бидејќи не се игра ништо друго, мечевите од белоруското првенство почнале да се пренесуваат во десетина земји, меѓу кои и Индија, Израел и Русија.
„Ова е досега невидена ситуација“, изјави портпаролот на Белоруската фудбалска федерација.
При влегување во стадион, на фановите им се мерела температура, но малкумина носеле заштитна маска.
Во Белорусија досега има 152 случаи на коронавирус и еден починат.