ВАНЕ КОСТУРАНОВ ЈА ОБЈАВИ НОВАТА СЛИКОВНИЦА „ДЕВОЈЧЕТО И ГРАДОТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Арс Ламина“ ја објави новата сликовница од илустраторот и уметник Ване Костуранов, „Девојчето и градот“. Книгата е издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за трета сликовница од Костуранов, по наградуваните „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“.

„Приказната настана во обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие, посебно во зимскиот период, кога сите имаме горчливо чувство во устата од загадениот воздух. Од стравот дека оваа зима ќе биде уште подолга од претходната. Од градовите во кои доминираат сите можни нијанси на сивата боја, а зелените површини се метаморфираат во бетон. Од страшното сознание дека изгубивме целосен контакт со природата, а со тоа го изгубивме и контактот со себеси. Оваа приказна со години ми се моткаше во главата и почна да се појавува на моите слики уште пред неколку години и, еве, сега дојде ред да ја раскажам и во форма на книга“, вели Костуранов.

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.