„ТРИ“ ЈА ОБЈАВИ КНИГАТА ЗА ДЕЦА „СЕ ГЛЕДАМЕ ВО ОПСАН“ ОД ШВЕЃАНКАТА СИЛА ЈАКЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Издавачкиот центар „Три“ ја објави книгата за деца „Се гледаме во Опсан“ од шведската авторка Сила Јакерт, во превод на Ивица Челиковиќ. Книгата е дел од новата едиција „Магични приказни“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

„Овој роман ќе ве одведе на најљубопитниот рид на едно детство, на кој се наоѓа Опсерваторијата во Стокхолм или Опсан, место каде што неколку деца го поминуваат летниот распуст криејќи се од себе и од светот. Аника, која со душа го чека распустот, по една малку прерано дојдена новина во семејството мора да остане во градот и да се помири со тоа дека ѝ пропаѓаат сите замисли за одмор. Но, секоја промена на планот носи и добри нешта“, вели издавачот.

Јакерт е шведска авторка на книги за деца. „Се гледаме во Опсан“, книга за сите мали и големи деца, ја објави во 2014 година.