Националната галерија на Северна Македонија почнува со едукативна активност со која сака да ги поттикне децата да сликаат дела посветени на лекари, медицински сестри, продавачи и родители.
„Ги охрабруваме семејствата и децата да прават и споделат уметност заснована на темата ‘Нашите херои!’. Херој може да биде секој. Покрај докторите, медицинските сестри и целиот персонал во здравството, тоа може да биде и касиерка во супермаркет, полицаец, пожарникар, возач на автобус, баба и дедо, мама и тато, учителка, службеник во банка и сите оние кои ја одржуваат работата на заедницата. Би сакале децата да ни кажат зошто нивните херои се херои со вклучување краток опис кон нивните уметнички дела (максимум 150 зборови) или кратко видео со детската изјава снимена со телефон“, стои во повикот на НГСМ.
Можат да учествуваат деца од претшколска и школска возраст.
Фотографиите со уметнички дела можат да се испратат на [email protected] или да се објават на Фејсбук и/или Инстаграм и притоа да се тагне Националната галерија на Република Северна Македонија, проследено со хаштазите #НашитеХерои, #OurHeroes, #НационалнаГалерија, #NationalGallery.