„ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ“ – МАЈКЛ ЏОРДАН ПРИВЛЕКУВА РЕКОРДНА ГЛЕДАНОСТ И 20 ГОДИНИ ОТКАКО ЗАВРШИ ЕРАТА НА ЧИКАГО

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Како што беше случај и во неговите играчки денови, Мајкл Џордан и после 20 години продолжува да биде магнет за гледачите.

ЕСПН објави дека премиерата на долгоочекуваната документарна серија „Последниот танц“ привлекла 6,1 милион гледачи, што претставува нов рекорд за оваа ТВ-мрежа, а да не станува збор за спортски натпревар. Серијата ќе има десет епизоди, а надвор од САД може да се гледа на „Нетфликс“.

ЕСПН го помести емитувањето на серијата во периодот април-јуни, со цел да се пополни празнината што настана со откажувањето на сите спортски преноси поради пандемијата на коронавирусот.

Иако насловот на серијата асоцира на последната сезона што оваа легендарна генерација на Чикаго булс ја одигра под водство на тренерот Фил Џексон, таа исто така го опишува животниот пат на Мајкл Џордан до статусот на најголем кошаркар на сите времиња. Ова доби траен печат токму во таа сезона 1997/98, кога Чикаго ја освои шестата шампионска титула. Во серијата се користени снимки од таа сезона кои никогаш досега не се објавени.