СОПРУГАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ СО „5 ПЛУС“ ЌЕ РАСКАЖУВААТ ПРИКАЗНИ ЗА ИНСПИРАТИВНИ ЛИЧНОСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, и тимот на „5 плус фамилија“ ќе соработуваат на проектот „Раскажуваме заедно“, наменет за децата од предучилишна и училишна возраст. Децата ќе можат да слушнат приказни за развојот и успехот на поединци, херои, хероини и инспиративни личности, кои низ историјата, секој во своето време и во областа во која што работеле, оставиле силна трага, како Марија Кири, Ана Павлова и Малала Јусафзаи.

„Со појавата и ширењето на КОВИД-19 се смени реалноста во која што децата и младите учат и го поминуваат слободното време. Преку оваа иницијатива, на децата ќе им се понудат нови едукативни содржини. Целта на ‘Раскажуваме заедно’ е да го привлече и задржи вниманието на учениците и да стекнат нови знаења“, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Приказните ќе се емитуваат на Македонската радиотелевизија (МРТ) и на профилите на „5 плус фамилија“ на Фејсбук, Јутјуб и Инстаграм.

Освен Ѓоргиевска, дел од оваа иницијатива ќе бидат и други јавни личности од земјава.