ТРИ ГЕНЕРАЦИИ МАКЕДОНСКА МОДА ПРЕТСТАВЕНИ НА НАСТАНОТ ЧИЈ ДОМАЌИН БЕШЕ СОПРУГАТА НА ПЕНДАРОВСКИ, ЕЛИЗАБЕТА ЃОРГИЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На иницијатива на сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, а во соработка со Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, се одржа настанот „Три генерации македонска мода – пренесување на знаење“.

Ѓоргиевска истакна дека соработката со Технолошко-металуршкиот факултет започна со отворањето на канцеларијата на претседателот МладиХаб, во која беа изложени креации на млади студенти од овој факултет.

Целта на настанот беше и да се промовираат младите дизајнери

„Со настанот ‘Три генерации мода‘ се враќаме на почетоците на дизајнот во Северна Македонија, она што се случувало во минатото, моменталната состојба, но ќе имаме можност да видиме и кои се перспективите на младите генерации“, истакна Ѓоргиевска на настанот што се одржа во Кабинетот на Пендаровски.

Целта на овој настан, на кој присуствуваа различни генерации на љубители и креатори на модата во нашата земја, беше да се промовираат младите дизајнери, да се даде поддршка на развивањето и унапредувањето на македонскиот дизајн и да се промовира текстилната индустрија.

За работата со студентите по дизајн во изминатите осум години говореше професорката и дизајнер Лидија Георгиева, додека професорката во пензија и костимограф Зорка Тодорова-Младеновиќ ја претстави својата книга „Како да станам моден дизајнер“.