Денеска, на Меѓународниот ден на џезот, Здружението на џез музичари на Македонија (ЗЏМ) ќе одржи концерти кои ќе се пренесуваат онлајн преку неговата Фејсбук страница, како и на профилите на Град Скопје и на Младински културен центар.
Во текот на денот, почнувајќи од 14 часот, ќе можат да се проследат настапи на Антоние Весковски, „Кабадајас“, „Зулу 3.4“, „Светлост“, бендот на Михаил Парушев и на „3ject“.
Ќе настапи и „Колектив“, ансамбл составен од изведувачи кои се членови на ЗЏМ: Трајче Велков на труба, Кирил Кузманов на алт саксофон, Гордан Спасовски на пијано, Гоце Стевковски на тапани и Дарко Мучев на бас. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.