ДЕЛОВИ НА АНТАРКТИК СТАНУВААТ ЗЕЛЕНИ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Лондон, (Гардијан)

Научниците го забележале почетокот на нов екосистем на Антарктик, што се должи на цутењето на микроскопски алги на снегот што се топи, претворајќи ја неговата површина во зелена.

Британскиот тим кој го спроведе истражувањето верува дека овие цутења ќе се зголемат во обем во иднина, бидејќи глобалното затоплување ќе го топи снегот и ќе создава услови за нивно напредување. Во некои области, овие едноклеточни живи форми се толку густи што го претвораат снегот во светлозелен, што може да се види од вселената, се вели во студијата објавена во магазинот „Nature Communications“.

Се верува дека овие цутења ќе се зголемат во обем во иднина (Фото: АФП)

Биолозите од Универзитетот Кембриџ и од Британската антарктичка експедиција шест години ги следеле и мереле зелените снежни алги, користејќи комбинација од сателитски податоци и теренски набљудувања. Мапата што ја направиле, прва од таков вид, ќе послужи како основа за следење на брзината со која белиот континент позеленува како последица на климатската криза.

Тие веќе пронашле докази дека овие алги се поврзуваат со ситни спори на габи и бактерии.

„Тоа е заедница, ова би можело да формира ново живеалиште. Ова е почеток на нов екосистем“, вели Мет Дејви од Кембриџ.

Во студијата се идентификувани 1.679 одделни цутења на зелени снежни алги, што заедно покриваат површина од 1,9 квадратни километри.