ФУДБАЛЕРИТЕ ОД БУНДЕСЛИГАТА ГИ СЛАВЕА ГОЛОВИТЕ БАРАЈЌИ ПРАВДА ЗА УБИЕНИОТ ЏОРЏ ФЛОЈД

Берлин, (Би-Би-Си)

Фудбалери од германската Бундеслига викендов на терен ги поддржаа протестите против полициска бруталност и расизам, кои веќе шест дена траат низ САД по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина во понеделникот во Минеаполис додека бил приведуван од полицијата. Протести ноќеска имаше во повеќе од 75 градови, при што имаше жестоки судири помеѓу полицијата и демонстрантите.

Англискиот напаѓач на Борусија Дортмунд Џејдон Санчо ја покажа маицата со натписот „Правда за Џорџ Флојд“ откако постигна гол на средбата со Падерборн, за што судијата му додели жолт картон. Истото подоцна го повтори неговиот соиграч Ашраф Хакими откако даде гол.

„Мора да бидеме едно во борбата за правда. Заедно сме посилни“, изјави Санчо.

Маркус Турам клекна со левата нога во чест на Флојд (Фото: Гети)

Американецот во редовите на Шалке, Вестон Мекени, настапи на средбата со Вердер носејќи трака на раката со истата порака.

Играчот на Борусија Менхенгладбах Маркус Турам го изрази својот револт клекнувајќи со левата нога откако постигна гол на мечот со Унион Берлин.

Други спортисти, како Серена Вилијамс, Наоми Осака и Луис Хамилтон, ги искористија социјалните мрежи за да го искажат својот став за ситуацијата во САД.